
КСС Македонија: Колективно преговарање зависно од државата и работодавачите
Општиот колективен договор за јавниот сектор и Општиот колективен договор за приватниот сектор се двата основни столба на колективното преговарање во Македонија.
Општиот колективен договор за јавниот сектор го имаат потпишано Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и Владата во 2008 година, и истиот ги регулира сите права и обврски на сите вработени во јавниот сектор.
Општиот колективен договор за приватниот сектор е потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на Македонија и Организацијата на работодавачи на Македонија во 2014 година и истиот ги опфаќа сите вработени во приватниот сектор.
Покрај општите колективни договори, постојат колективни договори на ниво на гранка и на ниво на работодавач.
Колективните договори се од голема важност за работниците во државата бидејќи со нив се регулираат и унапредуваат нивните права кои се загарантирани со Системскиот закон за работни односи и други закони поврзани со работничките права.
Според „Освртот за одредување на платите преку колективното преговарање во Северна Македонија“, од универзитетските професори Александар Ристовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и Марјан Петрески од Американ колеџ, недостигаат податоци и карактеристики за националните индустриски односи во Македонија. Поради тоа, постоечките податоци за стапката на покриеност на колективното преговарање треба да се земат со резерва.
Општите колективни договори покриваат 100% од вработените, додека податоците од 2020 година покажуваат дека стапката на покриеност на колективните договори на ниво на сектор е 20,81%.
Синдикатите се наздоволни од дијалогот во Економско-Социјалниот Совет во Северна Македонија
Проценките се дека во јавниот сектор има многу повеќе колективни договори кои што се склучени на ниво на гранка, за разлика од приватниот сектор, каде што бројката е значително помала, бидејќи има мала „синдикална густина“ во компаниите. Ако ги прашате синдикатите кои имаат членови во приватниот сектор колку се на број, тешко дека ќе добиете одговор. Со оглед на тоа што бројот на синдикални организации е мал, мала е и покриеноста со колективни договори на ниво на гранка и ниво на работодавач во приватниот сектор.
Како што веќе споменавме, во Македонија постојат два основни колективни договори кои важат за сите работници во државата. Истите колективни договори важат од нивното склучувањето до денес. Од друга страна, во јавниот сектор, каде што Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија има најмногу членови, голема улога играат и колективните договори на ниво на гранка. Еден од најдобрите примери за тоа се колективните договори склучени од еден од најголемите грански синдикати при КСС. Станува збор за колективните договори кои што ги има склучено Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК во детската заштита (градинките), основно, средно, високо образование и културата. Секако, подеднакво се важни и другите колективни договори што ги склучуваат гранските синдикатите при КСС на ниво на гранка.
Вештачки социјален дијалог
Приоритет на КСС во следниот период е да склучи голем број колективни договори и да се избори за почитување и унапредување на правата на вработените во јавниот и приватниот сектор. Свесни сме дека само преку колективно преговарање може да се зајакне стандардот на работниците, но за да го направиме тоа мора прво да бидеме вклучени во социјалниот дијалог. А еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме е токму недоволното почитување на социјалниот дијалог, кој во Македонија е вештачки и се одвива само со подобните социјални партнери.
Од голема важност се и колективните договори склучени на ниво на работодавач. Некои од нашите грански синдикати имаат склучено вакви колективни договори со општините и тие важат за сите вработени во конкретната општина. Тие дополнително ги регулираат и подобруваат нивните права и обврски.
Светските и европските синдикални централи се обидуваат да ги зголемат платите преку колективно договарање, но во Македонија работите не функционираат така. Кај нас платите се зголемуваат според политичката волја на Владата како работодавач, додека во приватниот сектор тоа е дискреција на самиот работодавач, кој ќе ги зголеми платите кога и доколку мисли дека треба. Многу малку работодавачи во приватниот сектор ги следат западните трендови на раст на платите во согласност со трошоците за живот, а истото може да се каже и за јавниот сектор.
Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија се залага за зголемување на платите преку колективно преговарање, но за жал ние сме исклучени од социјалниот дијалог во државата, а нашите мислења не се прифатливи за институциите..
Со колективните договори се регулираат правата кои што веќе постојат, а за нивно подобрување треба да земе поголем замав. Државата и работодавачите не ги гледаат колективните договори како сериозен систем, па како што ги прекршуваат донесените закони ги прекршуваат и нив.
Македонија во моментов не прави ништо за да го стимулира колективното преговарање, иако тоа би било добро за сите работници.
Стручна служба на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС